Проектот за брзиот рапид транспорт (BRT) што го протежираше Петре Шилегов, нема расположение да го реализира новата градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа размислува за модерен градски превоз, што би значело ревидирање на постојните линии и проширување со нови, како и план за реорганизација на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) од загубар како што е сега, во претпријатие што ќе работи со позитивни финансиски резултати.
Ова го истакна Арсовска на вчерашниот брифинг со новинарите кои и поставуваа многу прашања поврзани со проблемите во градот, а на кои таа истакна дека нема засега да одговара, бидејќи е сè уште е тазе на новата функција и ќе ѝ треба време да ги разгледа состојбите во Градот за да знае што понатаму.
– Барам да имате разбирање, во овие три месеци да се фокусирам на тоа што сум го ветила да се реализира – повика Арсовска.
Таа исто така истакна дека ќе побара и отчет за тоа како се потрошени средствата од продажбата на градската куќа и за каква намена, бидејќи имала информации оти од нив немало ништо.
– Се сложувам дека овие луѓе од градската администрација заслужуваат подобри услови за работа, но прво би сакала да побарам отчет зошто инвестиција од околу 20 милиони евра е продадена само за 12,7 милиони евра, која била идејата – нагласи Арсовска и смета дека тие средства би требало да бидат пренаменети за она што го барале граѓаните, а тоа е инфраструктура и сето она што значи да се подобри нивниот живот.
Што се однесува до раскинување на договорот со фирмата „Линк медиа плус“, за новогодишното украсување, таа нагласи дека не може да дозволи во услови на енергетска криза и рестрикции на струјата да се трошат толку пари, со оглед на тоа дека би се поставиле светилки кои не би светеле доколку нема струја, но нагласи дека Нова година, сепак, ќе се прослави, но скромно.
– Не е работата само нешто да се направи. Прашање е дали воопшто ќе има струја – вели Арсовска. Таа се надева дека и фирмата „Линк медиа плус“ ќе има разбирање и ќе биде општествено одговорна за сè да се заврши во интерес на граѓаните.
Прашана дали во иднина Седниците на Советот на Град Скопје ќе се пренесуваат во живо, како што ќе биде конститутивната седница на новиот Совет, градоначалничката истакна оти има идеја тоа да биде предложено за седниците да се емитуваат аудио и со видео, за јавноста во секое време да може да ги следи.
– Ова е идеја, таа ќе треба да биде предложена преку Советот. Лично очекувам поддршка од него – истакна Арсовска.
За останатите нереализирани проекти ветени од Шилегов, како што се фасадите на зградите на ЕСМ и на Пелагонија, за искршените плочки на фонтаната на плоштадот „Македонија“ и останатите дупки на подната фонтана со водоскоци, како и за доизградбата на Офицерскиот дом и недоизградениот споменик на Мајка Тереза, Арсовска истакна дека центарот нема да го остави така, бидејќи е огледало на градот.
– Прво што ќе направам ќе се сретнам со сите градоначалници за заедно да се договориме. Не сакам сама да одлучувам. Во однос на фасадите на наведените згради имам информација дека има некакви спорови кои ќе обидеме да ги разрешиме. А останатото ќе мора да се среди – одговори Арсовска.
За недоизградениот споменик Мајка Тереза, на плоштадот „Македонија“, Арсовска вели дека нејзиното мислење е ирелевантно, бидејќи како што кажа, треба да се прашаат граѓаните што сакаат.
Арсовска потенцираше дека нема намера да урне ниту еден објект, вклучително и двете галии, се разбира освен дивоградбите, бидејќи за онаа кај „Холидеј ин“ според информациите со кои располагала, постапката веќе била завршена и имало извршно решение за уривање.