Поконструктивен пристап најавуваат и победниците на парламентраните избори во Бугарија, но без конкретни рокови за решение. Засега останува отворено прашањето дали е можен брз пробив околу отстранувањето на бугарската блокада и скорешен старт на преговорите на Македонија со ЕУ.
– Ќе направам се да се изнајде решението со Бугарија, зашто ако не се најде сега, не верувам дека ќе се најде во 2022 година. Меѓу 14 декември и 15 јануари е периодот кога може да се одржи Советот за општи работи. Тоа е можност да се исчекори напред и, конечно, по 16 и пол години да почнеме преговори. Во прашање се недели, изјави вчера премиерот Зоран Заев.
Заев, кој најави скорешно повлекување од премиерската функцијата, како што кажа, „откако ќе биде извесно со Бугарија“, смета дека ова е значаен период што бара поголема одговорност и дека е потребно стабилно мнозинство и Влада што со влезот на Алтернатива е обезбедено.
– Лично мислам дека треба да им е јасно и на Бугарија и на Европа, дека во најмала рака неизвесноста после мене е поприсутна затоа што ме знаат каков сум, какви политики водам и кон што тежнеам и затоа кажувам дека е ова најпозитивен период да се изнајде решение. За мене најважно во државата е евроатлантскиот пат и ова што е почнато со Бугарија. На крајот сме, во фотофиниш, и не може вака да се остави. Јасно е утврдена целта кога тоа може да се заврши, следува период кога Франција ќе претседава и изборите кои таму ќе бидат напролет, така што мал е периодот да се најде прозорец за решение на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, истакна Заев по потпишаниот договор за соработка со лидерот на Алтернатива Африм Гаши.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, од регионалната конференција „Обновен наратив за забрзана интеграција во ЕУ”, забележа дека Северна Македонија вложи голем политички капитал врз основа на европските ветувања, одговори на многу стриктни услови, и време е да добие праведна валидација, ако ЕУ е заедница на вредности.
– Македонскиот случај во еропски контекст е лакмус од кој регионот ќе прочита дали ЕУ е сериозна кога зборува за европска иднина на Западен Балкан, и поради тоа што многу долго чекавме, и поради тоа што многу направивме, не само за решавање на билатерални прашања, туку и со демократските реформи дома. Ние направивме се и апсолутно сме спремни да ги почнеме преговорите со ЕУ. Северна Македонија е приказна на надеж за сите во регионот, така што нашиот (не)успех е (не)успех и за ЕУ, ако ЕУ е сила што влече за добро, рече Димитров.
Во тој контекст, дополни дека европскиот проект се темели на градење заеднички европски идентитет заснован на вредности како главна придобивка од процесот. Не е пристојно, вели, да се предизвикува соседот за прашања кои се многу внатрешни и интимни, како што е јазикот, и не е корисно да ја жртвуваме нашата иднина за минатото и историјата.
– Градењето на идентитетот е важно бидејќи лесно може да биде злоупотребено преку националистички наративи кои се всушност против националните интереси, како што беше во случајот со спорот за името што го имавме со Грција. Европа во 21 век треба да подразбира натпревар на идеи и достигнувања коишто ќе го подобрат нашиот живот и ќе обезбедат подобра почетна позиција за идните генерации – области како владеење на правото, дигитализација, зелена економија, рече Димитров.
На став дека местото на Македонија и на другите земји од регионот во ЕУ е и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук. Тој очекува до крајот на месецов Скопје и Софија да ги вложат сите напори за да се надмине спорот меѓу двете земји.
Од Бугарија, по парламентраните избори, доаѓаат најави за нов пристап кон Скопје, но засега без конкретни рокови за решение.
Кирил Петков, копретседател на коалицијата „Промената продолжува“ која победи на изборите, изјави дека една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Македонија кои ќе опфатат различни области.
Според Петков, темата за историјата, која не треба да се игнорира, ќе стане една од темите на разговор, но нема да биде единствена.
– Да има работни групи за економија, инфраструктура, култура, историја, човекови права и да почнат да работат на секоја од овие теми што е можно потранспарентно, за да можат двата народа да се запознаат со реалните теми и секој да почне да размислува која е цената ако нема добрососедство меѓу двете земји и обратно – какви се успесите ако има вистинско добрососедство. Тогаш подготвеноста за компромиси за прашања што се важни за нас како народ и за нив како народ би требало полесно да ги решаваме, коментираше Петков.
Но, според него, тоа не може да се случи, ако за тоа зборуваат само Бугарија и Македонија, туку целиот контекст мора да се отвори. Добрите резултати, рече, доаѓаат преку работа, а не преку добри идеи и слогани. Според него, најмногу можеме да добиеме со добрососедство и во иден момент да ги решиме овие проблеми, кои ги нарече „мали“. Да бидеме, како што рече, дел од европското семејство што ќе биде многу добро и за целиот регион.
И реизбраниот бугарски претседател Румен Радев очекува активен билатерален дијалог на високо ниво за градење доверба и надминување на спорните прашања во односите меѓу двете земји, но засега останува на тврдите позиции и смета дека Македонија, а не Бугарија, е таа што „мора да покаже европска зрелост и почит кон вредностите на ЕУ“