Најпрометниот македонски аеродром превезол 197.887 патници во периодот од јануари до април, што е пад од 48,6 отсто. Во Загреб, бројот на патници се намалил за 65,8 отсто, на 167.420 за четири месеци, пишува Ex-Yu Aviation News.

На повеќето македонски граѓани сè уште не им е дозволен влез во повеќето земји-членки на ЕУ, кои традиционално се најпрометните пазари на аеродромот во Скопје. Околу 77 отсто од прометот на воздуопловното пристаниште се генерира од пазарите во ЕУ, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Пандемијата ссо КОВИД-19 го смени традиционалниот редослед на најпрометните аеродроми во поранешна Југославија, при што Приштина имаше најмногу патници во текот на првиот квартал, надминувајќи ги Белград, Загреб, Сплит и Дубровник.

Во периодот јануари-април, најголем капацитет во и надвор од Скопје беше понуден на двата аеродроми во Истанбул – Истанбул Интернешнл и Сабиха Гокчен – а потоа следуваа Базел, Лондон Лутон, Дортмунд и Виена. Во исто време, повеќето места во и надвор од Загреб беа понудени на Франкфурт, проследено со Амстердам, Дубровник, Сплит и Истанбул. Скопје го надмина Загреб и во февруари и во март, иако хрватската престолнина беше попрометна во април, што ги вклучи велигденските празници.

Овој месец, количината на понудениот капацитет од Македонија изнесува 45,6 отсто во споредба со нивото пред ковидот во 2019. Од друга страна, Хрватска во мај достигна 20,6 отсто од капацитетот од пред две години.

И со Скопје и со Загреб управува иста компанија, иако втората е дел од поголем конзорциум. Најпрометниот аеродром во Хрватска се очекува силно да закрепне во текот на летото, а Рајанер ќе отвори база во градот кон крајот на август и ќе започне шеснаесет нови линии во текот на летото.

Коментирајќи ја моменталната состојба на македонскиот пазар на авио патувања, генералниот директор на операторот на скопскиот аеродром ТАВ Македонија, Метин Батак, рече: „Сè додека не бидат укинати ограничувањата на ЕУ / Шенген и луѓето не можат слободно да патуваат за несуштински цели, како што тоа го правеа и претходно, ќе се соочуваме со тешкотии. Имајќи ги предвид овие предизвици и поместувањата во авионската индустрија на глобално ниво, закрепнувањето ќе биде бавно и ќе биде потребно време со цел македонските аеродроми да се вратат на истиот број на патници што ги имавме пред кризата“, пишува порталот.