Министерството соопшти дека ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања со цел рано детектирање и превенција од Ковид-19 во основните и средни училишта.

Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот Ковид-19, односно дали истиот се шири низ училиштата и каква е трансмисијата.

Вчера беше забележан раст на бројот на новозаразени во однос на претходните денови. Од направени 2900 тестирања, беа регистрирани 421 случај, што е 14,5 отсто. Претходно тој процент се движеше околу 11 проценти.

Во вечрашната статистика беа евидентирани вкупно 13 починати, осум во претходното деноноќие и пет лица од „Мој термин“, починати од 6 до 28 септември. Покрај тоа, беа регистрирани и 395 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.333.204 тестирањата Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 195.963, бројката на оздравени пациенти е 182.473, на починати е 6.888, а бројот на активни случаи изнесува 6.602.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има најмногу активни и тоа 3308, Куманово 543, Велес 304, Штип 212, Охрид 206… Другите градови под 200. Во Пехчево во моментов нема ниту еден активен случај.

Континуирано се одвива и вакцинацијата во државата. Досега се ревакцинирани 45 отсто од полнолетните граѓани.

Заклучно со 13 октомври, како што се посочува од МВ, вкупно се вакцинирани 797.214 граѓани, ревакцинирани се 756.176, а трета доза примиле 982 граѓани. Педесет и три отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството за здравство.

На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата завчера на седница донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор во театри, кина, филхармонија и други објекти, со што се зголемува на 50 проценти дозволената исполнетост од капацитетот на салата со публика наместо досегашните 30 отсто.

Во врска со овој протокол, како што информираше владината прес-служба, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против КОВИД-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.