Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески ја обвини градоначалничката Данела Арсовска дека воопшто не комуницира со Советот и дека со месеци не доаѓа на седниците.

„Јас сакам на најдобар начин да си ја вршам функцијата, сум сретнал во животот и сум се соочил со многу карактери. Она што може да се види од надвор е дека Советот на Град Скопјe и Град Скопје има проблеми во функционирањето затоа што градоначалникот воопшто не сака да комуницира со Советот на Град Скопје“ вели Славески.

Тој истакна дека вчера бил последен рок за доставување на предлог буџетот на Град Скопје за 2024 година, но се уште не бил доставен и дека ниту една советничка група во Град Скопје не била консултирана во врска со буџетот.

„Вчера измина последниот законски рок за доставување на буџет или предлог буџет на Град Скопје за 2024 година, во ред, беше недела и очекуваме од службите да го добиеме денес. Слушам поплаки од сите советнички групи дека никој не е за ништо консултиран, нема никаков инклузивен процес, нешто што е невидено во досегашната практика на моите информации на функционирање на Град Скопје и на другите општини на Република Македонија кои со месеци ги инволвираат самите советници за да може и тие да придонесат во креирањето на буџетот, а тие се оние кои треба да дигнат рака и да ги изгласаат буџетот“ потенцираше Славески.

Тој нагласи дека Арсовска веќе 8 месеци не доаѓа на седници за поставување на советнички прашања и советниците не сакаат седници без нејзино присуство затоа што сакаат директно да ѝ постават прашања кои се на граѓаните.