Со официјална церемонија во просториите на Народната банка, вчера беше извршено примопредавањето на функцијата гувернер. По завршување на нејзиниот мандат, Анита Ангеловска-Бежоска му го предаде раководењето на институцијата на новоизбраниот гувернер, Трајко Славески.
Славески седум години на чело на НБРМ: Кои ќе бидат неговите приоритети?
Во своето проштално обраќање, Ангеловска-Бежоска истакна дека изминатите години биле период на силни реформи, модернизација и зачувување на макроекономската стабилност, и покрај глобалните економски предизвици. Таа им се заблагодари на вработените во Народната банка за нивната професионалност, посветеност и придонес, кои, според неа, се препознаени и од меѓународните финансиски институции.
– Оваа институција денес стои стабилно благодарение на трудот и експертизата на нејзиниот тим, рече Ангеловска-Бежоска, посакувајќи му успех на својот наследник во унапредување на мисијата на Народната банка како независна и кредибилна институција.
Славески: Ќе градиме доверба со професионални и транспарентни политики
Новоназначениот гувернер, Трајко Славески, посочи дека преземањето на раководството со Народната банка претставува голема чест и уште поголема одговорност.
– Ќе се залагам за стабилност на макроекономското и финансиското опкружување, со политики што се базираат на аналитичка аргументираност и транспарентност – рече Славески.
Тој додаде дека ќе работи посветено на јакнење на довербата на јавноста и на меѓународните партнери во институцијата.
Славески вети дека ќе гради визија која ќе одговара на предизвиците на современото време и ќе ја поддржува домашната економија, особено во услови на глобална неизвесност.
Богато професионално искуство и академска кариера
Славески, роден во Охрид во 1960 година, е редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Своето образование го надградувал на универзитетите во САД, меѓу кои и престижниот Харвард. Учествувал во подготовката на првата Антиинфлаторна програма на Македонија и е автор на бројни научни трудови.
Извор: Телма