Тежок со оглед на докажаниот квалитет на тројцата кандидати
Пратениците се очекува на трети јуни да се поизјаснат дали го поддржуваат предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Трајко Славески да биде идниот гувернер на Народната банка. Изборот бил тежок со оглед докажаниот квалитет на тројцата кандидати, рече претседателката. Клучни при носењето на одлуката биле стручноста, компетентноста, дигнитетот и интегритетот.
Собранието ќе одлучува за Трајко Славески – за гувернер потребно мнозинство од 61 пратеник
Гласање во Собранието – опозицијата нема да го поддржи предлогот
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателката Силјановска Давкова за Славески, потврди лидерот на партијата и премиер Мицкоски.
Опозицијата со негодување и остри критики велат дека нема да го поддржат предлогот. Според нив со изборот на Трајко Славески ќе се погреба и последната независна институција. Предлогот нема да го поддржи ниту Левица.
Седумгодишниот мандат на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска истече, но таа останува на функцијата до изборот на нејзиниот наследник.
Кој е Трајко Славески?
Трајко Славески е редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, каде што предава макроекономија и државна регулација. Тој има богата академска кариера, но и искуство во извршната власт – беше министер за финансии во периодот 2006–2009. Беше министер за развој, координатор на Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и министер за финансии кој учествуваше во спроведување на реформите во даночниот и финансискиот систем. Во моментов е претседател на Совет на Град Скопје. Славески е и долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, партија во чие име учествувал во креирање на повеќе економски програми.
Неговото евентуално именување ќе значи нова насока за монетарната политика во земјата, особено во контекст на предизвиците со инфлацијата, стабилноста на денарот и приближувањето кон ЕУ.