Ова денеска е договорено на средбата на заменикот-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, со претставници на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), која здружува дел од операторите кои организираат настани.
Како што соопштија од Владата, Битиќи и Забрчанец информирале дека повикот за финансиска поддршка ќе биде објавен во најбрз можен рок, во текот на наредната недела, за вкупен износ од 61 милион и 500 илјади денари, а на него ќе може да аплицираат и да бидат поддржани сите компании кои организираат настани и кои ќе исполнат јасни и прецизни критериуми.
Владините претставници потенцирале дека повикот има цел да обезбеди финансиска поддршка за заживување на економските активности на оваа гранка, а настаните кои ќе бидат поддржани не се дел од официјалните државни настани кои Владата преку засебна програма ќе ги организира за официјално одбележување на 8 септември, Денот на независноста.
На состанокот, како што соопштија од Владата, биле прифатени голем дел од барањата на Асоцијацијата, меѓу кои и тоа компаниите со поголема загуба да добијат повеќе бодови при оценувањето, а ќе можат да аплицираат сите компании со пад на приход поголем од 30 проценти.
Потоа еден подизведувач нема да може да се најде на повеќе од седум пријави за предлог-проекти, со цел да се оневозможи монополизација во делот на подизведувачите, а спортските настани посветени на „30 години независност“ ќе бидат додадени како тип на настани за кои може да се аплицира.
Ќе се обезбеди авансно плаќање од 30+40 отсто пред реализација на настанот, со препорака истото сразмерно да биде распоредено и кај носителите на проектите и кај подизведувачите, за да помогне во ликвидноста на компаниите.
Од Владата појаснуваат дека прифатено е и тоа дека една од областите кои ќе се оценуваат, а се однесува на капацитетот на апликантот за организација на настан, да биде број на вработени или број на хонорарно ангажирани лица, за зголемена конкурентност на компаниите.
–Владата ги информираше претставниците на ИВАП дека не може да го прифати предлогот кој се однесува на создавање конкурентска предност на одредени компании со одредени шифри на дејност, односно вицепремиерот и националниот координатор останаа на принципиелниот став на Владата дека целта на овој јавен повик е да даде можност за поддршка на сите компании кои организираат настани, а кои имаат загуби поради корона кризата, без да се фаворизираа која било компанија и без да се исклучува која било компанија, затоа што тоа не е праведно, ниту правично, се наведува во соопштението на Владата.
Битиќи и Забрчанец ги информирале претставниците на Асоцијацијата дека ќе се оценува секоја апликација поединечно и ќе се бодува според поставените критериуми и согласно тоа, бројот на апликанти нема да влијае врз оценките за секоја индивидуална апликација.
-Тоа значи дека одлуката дали еден предлог проект зависи од оценката на апликацијата за тој проект, а не од тоа колку апликации стигнале на повикот – има доволно буџет за сите кои ќе ги исполнат условите. Владата има обврска да обезбеди можности за сите, а не да исклучува, заклучи Битиќи.
Вицепремиерот информирал дека преку Развојната банка на Република Македонија подготвува нова линија на бескаматни кредити, со грејс период од 12 месеци, а околу еден милион евра се проценува дека ќе бидат наменети за одржување на ликвидноста на компаниите кои организираат настани. Дополнително Битиќи потсети дека Владата обезбеди поддршка и за плати за месеците февруари и март 2021, којашто фирмите ќе ја добијат веднаш штом се усвојат потребните измени за петтиот пакет мерки во Собранието, односно штом се надмине блокадата на опозицијата.