Истакнатиот член на СДСМ, Андреј Петров и член на „Платформата 12:05“ за промени во партијата вечерва гостуваше во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
На прашањето, освен Славјанка Петровска што беше присутна на настанот во неделата, дали имаат поддршка и од другите пратеници од пратеничката група на СДСМ, Петров рече дека вербално, имаат поддршка од 90 проценти од пратениците кои се дел од пратеничката група.
„Вербално, од 90% од пратениците на СДСМ. Вербално, да. Меѓутоа, тоа се луѓе кои се пратеници на СДСМ, имаат мала пратеничка група и се во една деликатна и специфична ситуација и не би сакале ние никого посебно да го предизвикуваме на одредени работи кои можат, на некој начин, да му направат лична штета ако учествува“, рече Петров.
Понатаму Петров додаде дека вратите им се отворени за сите, дека со нив се пријатели и другари, со кои имале и расправии, но не им е намерата да се расправаат со пратениците на СДСМ.
Петров, исто така додаде дека и во периодот кога се бираше Венко Филипче за претседател на партијата, кажал треба да се брза и дека не било исправно на таков начин да се исполнуваат желби за доаѓање на чело на СДС, но никој не го послушал.
