Следната средба на лидерите на Србија и Косово во рамки на дијалогот ќе се одржи во Охрид на 18 март, потврди за Радио Слободна Европа официјален претставник на Европската Унија.
Ова ќе биде средба на која лидерите ќе разговараат за планот за имплементација кој е составен дел на европскиот предлог, кој сега се нарекува Спогодба за патот кон нормализација на Србија и Косово.
Посакуваното сценарио за европската страна е ова да биде средба на која лидерите ќе договорат анекс на планот кој вклучува јасен календар за тоа кога треба да се исполнат сите елементи од европскиот договор, пишува РСЕ.
Дискусијата за овој предлог се смета за затворена за европската страна, откако српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на средбата на 27 февруари во Брисел го договорија текстот на предлогот.
Во Брисел сметаат дека без анексот за имплементација, кој се смета за составен дел на договорот, европскиот предлог би претставувал само „политичка декларација, без никаква правна или политичка обврска за страните“.
Европската страна планира, во случај на договор, и во однос на имплементацијата, да се потпишат и двата „неразделни“ дела кои го сочинуваат истиот документ.
Европските претставници очекуваат тензични разговори, особено во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, што се смета за клучен елемент на дискусијата.
Претставниците на ЕУ нагласуваат дека не сакаат да му наметнат на Косово модел кој досега не бил тестиран. Во оваа насока, тие тврдат дека веќе постојат околу 16 европски модели кои би послужиле како пример за Заедницата во Косово и велат дека сите овие модели функционираат во одредени европски земји, пишува РСЕ.