Велат дека станува збор за специфична професија со експертиза за меѓународна комуникација, која меѓу другото и ја претставува државата.
Во продолжение следува интегрален текст од нивното соопштение:
Сликата во МНР денес е поразителна – голем дел од вработените доаѓаат на работа во патики, фармерки и маички и не го почитуваат кодексот за пристојно облекување, каде што се пропишува дека формалниот начин на облекување ја изразува почитта на дипломатот кон службата, но и кон колегите, соработниците и странките. А формалниот начин на облекување чини пари.
Со просечна плата пониска од онаа во земјата, тоа е тешко остварливо. Со тоа што не се бори за нормализирање на животниот стандард на своите вработени кои не ретко поради природата на работата се и единствени вработени во своите семејства, раководството на МНР практично го губи моралното право да бара почитување на моралните и етички кодекси од своите вработени, па моралното лизгање надолу, кое што за жал се проширува и врз односот кон работата, продолжува.
Згора на ова, раководството на МНР веќе неколку години престана и упорно одбива на вработените да им ги сервисира потрошувачките кредити, иако тоа за нив претставува големо економско олеснување при набавка на предмети за домаќинство со попусти и на бескаматни рати, кое што ништо не го чини работодавачот.
Одговорноста за ниските гранки на кои спадна дипломатијата во голема мерка лежи кај Министерството за надворешни работи. Немањето визија и административен капацитет за развој ги става вработените во состојба на неизвесност и економско исцрпување и упорно продолжува да го дотолчува и она малку углед што нашата дипломатијата го има. Наша обврска како Синдикат е да укажуваме и да бараме зајакната соработка од раководството за надминување на ваквите состојби. За жал, освен декларативна подготвеност, раководството на МНР во пракса континуирано ги игнорира нашите барања за суштински дијалог.