Деновиве дискутирајќи со граѓаните за најновата економска криза како последица на војната во Украина по малку на смеа но многу повеќе во иронија и резигнација ми велат дека знаат како е кога е тешко, но за жал ретко виделе добро и лесно. Во вакви предизвици факт е дека глобалните текови диктираат многу во мали економии како македонската, но прашањето е што прави Владата да ги насочи тие текови и да помогне на народот? Во Македонија нема нови странски инвестиции, нема нови работни места, нема нови успешни приказни на млади претприемачи во земјава кои со својот капацитет, енергија и знаење треба да се стожерот на македонската економија. Нема поддршка за младите претприемачи да отворат нови бизниси и државата да го искористи нивниот капацитет. Скоро немо поминува масовнотон иселување пред се на младите и образованите. Тие кои треба да ја носат иднината на државата. Исто така нема економски мерки со кои ќе се подобрат условите за креирање работни места, или во услови на криза барем постојните работни места да се задржат, пишува Александар НИКОЛОСКИ за ФОКУС.
Индустријата треба да биде двигател на македонската економија. Но реалната состојба е дека бројот на работниците во индустријата во февруари 2022 година во споредба со истиот месец изминатата 2021 година е опаднат за 2.3% . Интересен е фактот дека дури и во февруари 2020 година, година во која сеуште не беше започната корона кризата, падот на работниците во индустријата е намален за 3.9%. Од ова може да се заклучи дека индустријата со ДУИ и СДСМ се намалува. Деновиве излегоа податоците за тоа дека Македонија има најмал раст на БДП од сите земји во регионот. Растот на БДП во Македонија е 4%, за споредба во Косово е 10.5%, Србија 7.4% , Грција 8.4% , Црна Гора 12.4% . Во сите други држави растот во 2021 година го надмина падот од кризната 2020 година. Само Македонија не успеа, тоа е уште еден доказ дека мерките кои требаше да ги намалат последиците од корона пандемијата не го постигнале очекуваниот ефект, или пак биле задоцнети. Најголем проблем на власта на СДСМ и ДУИ е што не сакаат да признаат дека не знаат како економски да ја придвижат државата, а предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што самите знаат дека се добри не ги прифаќаат. Мерките за справување со кризата беа нецелосни и задоцнети, а тоа го покажуваат и бројките. За година и пол горивата поскапеа за 70%, струјата поскапи за 30%, парното за 15%, цената на лебот е зголемена и за 110%, а сите останати основни намирници се поскапени за 30-50%. Граѓаните мака мачат да врзат крај со крај. Над 35% од граѓаните се во ризик на сиромаштија, инфлацијата галопира, а владата се луксузира. Енормно трошат на непродуктивни трошоци, а реализацијата на капиталните расходи до сега изнесува 12.86 %. Буџетскиот дефицит е далеку поголем од тоа што го предвидоа, така во првиот квартал веќе буџетскиот дефицит изнесува скоро половина од тоа што го имаат предвидено како дефицит до крај на оваа година. Секој економски параметар пропаѓа, освен долгот кој галопирачки расте. Така 2021-ва ја завршивме со долг од 61% од БДП или надмина 7 милијарди евра и за жал власта најавува дека уште ќе расте. Катастрофалните економски политики граѓаните ги чувствуаат секој ден, многу мали и средни претпријатија пропаѓаат, многу работни места се губат.
Би сакал да посветам внимание и на чесните земјоделци, кои со чесна, достоинствена работа и труд се обидуваат да ги прехранат своите семејства. Државата мора да најде начин да ги откупи или пласира нивните производи. Илјадници семејства кои се занимаваат со земјоделие стравуваат за тоа дали нивните производи ќе бидат откупени. Пред неколку недели на една национална телевизија дадов еден предлог, но и тоа не е сеуште прифатено. Предлагам државата да го откупи зеленчукот од македонските ниви и да го дадат во средните и основни училишта. Така и децата ќе имаат здрав оброк и земјоделците ќе имаат загарантиран откуп.
Потребна е стратегија, силен економски тим и многу работа за да се променат работите на подобро, да се намали сиромаштијата, да се отворат нови работни места, да се отворат нови фабрики. Мора да се променат работите. Само со силен економски тим и посветена влада може да се подобрат работите, суштински мерки и динамична подршка. Доаѓаат подобри денови, но кога?