Португалија го завршува своето претседателство на последниот ден од јуни, а Словенија ја презема палката на 1 јули, потсетува Хина. По тој повод, комесарите на Европската комисија, предводени од претседателката Урсула фон дер Лајен, в четврток ќе пристигнат во Словенија. Вообичаена пракса е Комисијата да ја посети земјата што го има Претседателството на почетокот на секое претседателство. Тогаш, Комисијата на словенечката Влада ќе и врачи позитивна оценка на словенечкиот национален план за закрепнување и отпорност.

Ова е второ претседателство на Словенија, која стана членка на Унијата во 2004 година. Таа првпат претседаваше во првата половина на 2008 година, само три и пол години по пристапувањето во ЕУ и беше прва меѓу новите членки што го презеде претседателството. И тогаш и сега, Јанез Јанша е шеф на словенечката Влада. Првото словенечко претседателство беше во различни околности. Во тоа време, улогата на земјата претседавач беше повидлива и поважна отколку по влегувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, посочува Хина. Во тоа време, со самитите на Европската унија претседаваше и ги подготвуваше шефот на земјата-претседавач,а денес ова е во описот на работното место на претседателот на Европскиот совет. Истото важи и за Советот за општи работи, со кој претседава високиот претставник за надворешна политика и безбедност, а не министерот за надворешни работи на земјата-претседавач.

Словенија ќе претседава со Советот на Европската унија под слоганот „Заедно. Отпорна. Европа”. Со овој слоган, објаснуваат во словенечката влада, сакаат да испратат три одделни и суштински поврзани пораки дека клучот за зајакнување на отпорноста на Унијата, што ефикасно ќе се соочи со предизвиците, е меѓусебната поврзаност, соработка и солидарност.

Програмата за претседателствувањето на Словенија се заснова на четири приоритети – закрепнување и зајакнување на отпорноста на Европа, размислување за иднината на Европа, зајакнување на владеењето на правото и европските вредности и безбедноста и стабилноста во европското соседство.

Во октомври оваа година, Словенија ќе организира самит на лидерите на Европската унија и земјите од Западен Балкан. Поради пандемијата на коронавирус, последните две претседателства, германското и португалското, не организираа традиционална посета на група дописници од Брисел. Сега епидемиолошката состојба во Европа е многу поповолна и словенечката влада одлучи да ја организира таа посета во средината на следната недела.