Структурираните вежби со смеење можат да го намалат чувството на недостиг на воздух кај луѓето со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), покажало ново истражување. Таканаречената терапија со смеење постигнала ефект сличен на веќе познатата техника на дишење низ полузатворени усни.

Истражувањето било спроведено врз 63 пациенти со ХОББ кои се лекувале во болницата „Анкара Билкент“ во Турција, а резултатите биле презентирани на Конгресот на Европското респираторно здружение во Барселона. Учесниците по случаен избор биле поделени во три групи. Првата правела вежби со смеење, втората практикувала дишење низ полузатворени усни, додека третата не изведувала дополнителни вежби за дишење.

Терапијата не се состоела само од гледање комедии или намерно смеење во текот на денот. Пациентите биле обучени да следат конкретна програма која вклучувала ритмично плескање и гласовни звуци, како и вежби во кои имитирале стартување мотор или рикање лав.

Програмата опфаќала и вежба наречена медитација со смеење, која подразбирала спонтано и ненасилно смеење. Сесиите завршувале со смирување, контролирано дишење и насмевка.

Вежбите траеле по 30 минути и се изведувале трипати неделно во период од осум недели. По првичната обука во живо, пациентите продолжиле да вежбаат дома, при што добивале поддршка преку видеоразговори и текстуални пораки.

По осум недели, и пациентите кои правеле вежби со смеење и оние кои дишеле низ полузатворени усни имале значително помалку проблеми со отежнатото дишење во споредба со контролната група. Кај двете групи било забележано и подобрување на општата здравствена состојба.

Ефектот врз отежнатото дишење бил присутен и еден месец по завршувањето на програмата. Вежбите, сепак, не ја промениле потребата на пациентите од секојдневна помош.

Истражувачите претпоставуваат дека смеењето може да ги активира респираторните мускули, да поттикне подлабоко издишување и да влијае врз ослободувањето ендорфини. Кај пациентите со ХОББ, дишните патишта полесно се затвораат при издишувањето, поради што дел од воздухот останува заробен во белите дробови.

Дишењето низ полузатворени усни создава благ притисок кој помага заробениот воздух да излезе. Истражувачите сметаат дека повторливите и подлабоки издишувања при смеењето би можеле да имаат сличен ефект.

„Механизмите зад терапијата со смеење кај ХОББ сè уште не се добро разбрани и потребни се посеопфатни истражувања“, предупреди д-р Гонџагул Алдан, која ги презентирала резултатите.

Таа нагласи дека целта не е смеењето да ја замени постојната терапија, туку да послужи како едноставна дополнителна техника што пациентите можат да ја практикуваат дома, без опрема и специјализирана помош.

Експертот на Европското респираторно здружение, д-р Марк Мирабитљес, кој не учествувал во истражувањето, ги оцени резултатите како ветувачки, но предупреди дека станува збор за мала студија.

Кај ХОББ и натаму остануваат важни инхалаторната терапија, физичката активност, вакцинацијата и белодробната рехабилитација. Истражувачите сега планираат поголеми студии со повеќе пациенти и со учество на различни земји.