Смената на Олексеј Резников ќе биде најзначајната промена во владата по корупцискиот скандал во Министерството за одбрана минатиот месец.

Олексеј Резников повеќе не е министер за одбрана на Украина.

Како што јави Ројтерс, на местото на 56-годишниот Резников ќе дојде 37-годишниот поранешен директор на воената разузнавачка агенција Кирило Буданов. Со чин генерал-мајор, Буданов е на чело на военото разузнавање од август 2020 година.

„Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, под притисок на корупцискиот скандал во неговото министерство, ќе биде префрлен на друго работно место во владата“, изјави Дејвид Арахамија, шеф на парламентарниот блок на претседателот Володимир Зеленски.

„Војната ги диктира кадровските политики“, рече Арахамија, близок соработник на Зеленски.

Арахамија додаде дека Резников ќе биде назначен за министер за стратегиски индустрии, но не кажа кога тоа ќе биде формализирано.

Резников помогна да се обезбеди западно оружје за помош на украинските сили, а неговото сменување од министер за одбрана ќе биде најзначајната промена во владата меѓу мноштвото оставки и отпуштања по корупцискиот скандал на крајот од минатиот месец и ветувањето на Зеленски дека Украина ќе ги исполни западните стандарди за чесно владеење.

Скандалот се состоеше од договори за храна со многу напумпани цени. Поради негодувањето на јавноста, беше разрешен еден од заменик-министрите на Резников, додека двајца други високи функционери исто така ги напуштија своите позиции