Задоеноста за брз и лесен профит ја фрли животната средина на ѓубриште, вели за Лидер, Игор Смилев, граѓански активист, неуморен борец за чиста животна средина и претседател на ЕГ „Грин Пауер“.
Вели, решение за загаденоста, не само на воздухот туку на почвата, водите…има само со кординирана работа на сите институции од сите нивоа, кои најмалку четири години ќе се вложат за подобрување на калитетот на живот на сите наспроти подобрување на сопствениот живот за еден мандат.
Итно треба поставување на мерни едници за мерење на загаденоста на амбиеталниот воздух во секое маало со што прецизно ќе се утврди изворот на загадување а загадувачите ќе казнети со драконски казни. Инспектори нема а нема ниту интерес за буџетско финасирање , етоа тоа е приоритет на сите досегашни Влади, вели Смилев.
Лидер: Загадувањето за жал кај нас е тема на препукување на оваа или онаа власт. Со сите политички гарнитури видовме ист резултат. Скопје и оваа зима котира највискоко на светскитте листи на загаденост. Вие екологистите во континуитет сте гласот на свесноста на народот. Што е она што може брзо и веднаш да се превенира и интервенира за да реално се намали загадувањето во Македонија?
– За жал не може веднаш и брзо да се намали нешто кое 30 години систематски го уништуваме и за кое ниту со мал прст не сме мрднале. Задоеноста со брз и лесен профит ја фрли животната средина таму каде што сме сега сите ние – на ѓубриште, загадени, нечисти и презрени од нас самите.
Лидер: Што е она што може брзо и веднаш да се превенира и интервенира за да реално се намали загадувањето во Македонија? Кои мерки ги предлагате за да дишиме почист воздух?
-Ако било кој надлежен сака да манифестира јасна и резолутна намера да започне со решавање на овој животен проблем, тогаш тоа е под итно инсталирање на интензивна мрежа на мерни единици за мерење на загаденоста НА АМБИЕНТАЛНИОТ ВОЗДУХ ( сензори) речиси во секое маало или општина .
Мора прво прецизно да се лоцира изворот на загадување, а потоа СОГЛАСНО ТОА, ДА се посетуваат изворите на загадување и со драконски казни да реагираат надлежните.
Потсетувам, загадувањето на воздухот е само еден тип на загадување кое го чувствуваме најбрзо и најбрутално. Тука се загадувањето на почвата, реки полни со фекалии, дива сеча, брутална и безочна урбанизација, градење згради без енергетски пасош, хидроцентрали кои освен енормен профит на концесионерите, носат слаб или никаков бенифит. …списокот е долг, а морам да бидам краток.
– Сето ова за да има ефект, мора координирано да се врши на ниво Општина, градоначлници , инспектори и Министерство за животна средина, инаку ќе има бескрајно префрлување на топката поради што и веќе дојдовме до ваков безизлез.
Сите други мерки( гасификација, греење на палети, инвертори, соларни панели и сл.) бара подолго време кое надлежните за нас го немаат.
– Итно формирање на Фонд за животна средина во кој би се слевале сите еко давачки кои ние граѓаните ги издвојуваме на разни начини ( преку регистрација на возила, преку купување на пластични ќеси, преку сметки за вода и струја)..вака парите за екологија се губат во разни министерства и се користат за други намени, а не за тоа за кое ги даваме.
Лидер: Дали загадувањето во земјава е резултат на повисоката политика?
– Апсолутно ДА. Се е политика. Кога некој креира политика од ниво на Министерство или Влада, тоа е висока политика. Ќе ви кажам зошто никој не ја сака животната средина како начин на практикување на политика.
Затоа што чини екстремно многу пари, затоа што не носи профит во џеб, и затоа што цел 4 годишен мандат мораш да го жртвуваш за да се посветиш исклучиво и само на борба за здрава и чиста животна средина. А ние такви политичари кои сакаат да се жртвуваат немаме. Имаме само фигури кои се жртвуваат исклучиво само за личен профит и за подборување на квалитетот на сопствениот живот, наспроти нужноста да се жртвуваат за подобрување на квалитетот на животната средина.
Лидер: Сметате ли дека инспекторите ревносно си ја вршат работата?
За некој да си ја врши работата, мора да постои. Мора Да го има со име и презиме. Инспектори во Велес повеќе од две години немаме . Ниту општински еколошки, ниту Државен. Трагично нели ?
И за што друго да ви зборувам , кога во мојот град Велес очајно и буквално на коленици молиме да ни се овозможат инспектори и барем минимални и субстандардни услови за здрав и чист живот.
Веројатно, низ многу градови е слична ситуацијата. Еден или двајца инспектори треба да покриваат и санкционираат се што ние 2 милиона ќе испоганиме.
Ете, тоа е цената која ја плаќаме кога Буџетот на МЖСПП е едвај 1%., наспроти да речеме на оној за одбрана кој е 4 до 5 пати повисок. Мизерно. Ете , тоа е приоритетот на сите досегашни Влади, вели за Лидер, Игор Смилев.