Двајца поранешни кинески министри за одбрана, Веј Фенгхе и Ли Шангфу, се осудени за корупција пред кинески воен суд на смртна казна со двегодишно одложување на извршувањето. По истекот на тој рок, според судската одлука, казните треба да им бидат преиначени во доживотен затвор.

Веј и Ли биле поранешни членови на Централната воена комисија и некогашни државни советници, пренесува Синхуа.

Според одлуките на судот, Веј е прогласен за виновен за примање мито, додека Ли е осуден за примање и давање мито. На двајцата доживотно им се одземени политичките права, а целиот нивен личен имот ќе биде конфискуван.

Во судските одлуки се наведува дека, откако по истекот на двегодишното одложување смртната казна ќе биде преиначена во доживотен затвор, тие нема да имаат право на дополнително ублажување на казната ниту на условен отпуст.

Веј ја извршувал функцијата министер за одбрана од 2018 до 2023 година, а него го наследил Ли, само неколку месеци пред и самиот да исчезне од јавноста, пишува NBC News.

И двајцата претходно ги загубиле позициите во Комунистичката партија на Кина.

Од доаѓањето на власт на кинескиот претседател Си Џинпинг во 2012 година, неговите антикорупциски кампањи доведоа до смена на милиони функционери, а дел од високите функционери осудени за корупција, според „Politico“, наводно починале во притвор.