Авиокомпаниите што ова лето ќе откажуваат летови поради недостиг или високи цени на авионско гориво ќе мора да ги обештетат патниците, порача европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас.
Во изјава за „Фајненшл тајмс“, Цицикостас нагласи дека цената и недостигот на гориво не се сметаат за вонредни околности според европските правила и не ги ослободуваат авиокомпаниите од одговорност.
„Цената на горивото за авиони е причина за откажување на летови и, доколку авиокомпаниите откажат летови без вонредни околности, а цените на горивото не се вонредни околности, тие ќе мора да ги обесштетат патниците“, рече европскиот комесар.
Минатата недела беше објавено дека во Велика Британија се ублажени казните за авиокомпаниите што откажуваат летови поради недостиг на авионско гориво. Британската влада, пак, соопшти дека домашните авиокомпании засега не пријавуваат недостиг и дека аеродромите и добавувачите имаат доволно залихи за редовен сообраќај.
Најголемата европска нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ оваа недела соопшти дека нема да откажува летови во текот на летото, бидејќи навреме обезбедила долгорочни договори за гориво.
Од компанијата наведуваат дека обезбедиле 80 отсто од потребите за авионско гориво до март 2027 година по цена од 67 долари за барел, што е значително под моменталните пазарни цени, и дека не планираат кратење на летниот распоред.
Цените на горивото нагло се зголемија од 28 февруари, по почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран, додека затворањето на Ормуската Теснина за бродови дополнително го загрози извозот на нафта од Блискиот Исток, пренесува „Еуроњуз Србија“.
