Затворен патниот правец Удово – Валандово поради излевање на Калковска Река

Поради тешките временски услови, патниот правец Удово – Валандово е целосно затворен за сообраќај од утрово во 05:25 часот, откако Калковска Река се излеа на коловозот, информира Авто мото сојуз на Македонија. Сообраќајот на оваа делница е во целосен прекин, а возилата се пренасочуваат по алтернативниот пат преку селото Марвинци.

Магла и отежнати услови на планинските превои: Еве каква е состојбата на патиштата во Македонија

Студеното и нестабилно време значително ја влошува состојбата на патиштата низ земјава. Магла со намалена видливост до 100 метри е регистрирана на планинските превои Плетвар, Ѓавато и Пресека, што создава опасни услови за сообраќај, особено во раните утрински часови.

Зимски услови и апел за внимателно возење

На останатите државни патишта сообраќајот се одвива во зимски услови, по влажни и студени коловози. На повисоките места се присутни остатоци од кашест снег, додека екипите на ЈП „Македонија пат“ се постојано ангажирани на терен. Утрото е претежно облачно и студено, со локално провејување на слаб снег, а температурите на повеќе места се под нулата, што го зголемува ризикот од замрзнување и лизгање. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања, а надлежните служби апелираат возачите да возат внимателно, да ја прилагодат брзината и редовно да се информираат за состојбата на патиштата.