Судскиот совет денеска ја избра судијката Снежана Манев за претседател на Основниот суд Куманово, која досега беше вршител на должност на оваа функција, а и претходно беше претседател на кумановскиот суд. Манев беше единствен кандидат на огласот и ги освои максималните 200 бода во квалитативното и квантитативно оценување што го изврши комисијата на Судскиот совет задолжена за спроведување на овој оглас, а беше избрана со девет гласа „за“ и еден „против“, пренесува Слободен Печат.
Членовите на Судскиот совет ѝ честитаа на Манев за изборот и ѝ посакаа и понатамошна успешна работа. Според нив, кумановскиот суд работи успешно и ефикасно, што е резултат и на доброто менаџирање на оваа институција. Споменаа дека за судијата Манев имаше негативни натписи во медиумите за нејзината работа и за меѓучовечките односи во судот, но истакнаа дека досега не стигнала ниту една иницијатива, ниту документ против неа врз основа на кои Судскиот совет би можел да расправа за работата на Манев. Според членовите на Судскиот совет, никој друг од судот во Куманово не се пријавил на огласот за претседател како противкандат, што значи дека се задоволни од нејзината работа.
– Кумановскиот суд е ажурен суд и има добри резултати, што е резултат на добро менаџирање и организација. Би сакала да напоменам дека и покрај пожарот од поголеми размери што пред неколку месеци го зафати овој суд, тоа не го закочи неговото функционирање – истакна Весна Дамева.
Единствен што беше против изборот на Снежана Манев беше судијата Миљазим Мустафа кој рече дека гласал така заради извештајот од контролата на Судскиот совет во кумановскиот суд, кој според Мустафа е негативен.
– Гласав против бидејќи има негативен извештај од контролата што беше извршена во истиот период кога таа беше в.д. Претседател. Имаме сериозни најави за недобро менаџирање со судот, меѓучовечките односи се најниско можно ниво, а тоа го кажале и вработените и судиите. Затоа гласав против, а на избраната претседатека и посакувам среќа и добро здравје – рече тој.
Министерот за правда Кренар Лога е голем противник за изборот на Манев за претседател на Основен суд Куманово. Тој против неа го искористи фактот што таа не ги положи од прв пат психолошкиот тест за личност и тестот за интегритет, а од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања истакнаа дека таа го прекинала тестот поради замор и дозволија повторно да полага.