Снимки направени со дрон, кои се објавени по разорните земјотреси во Турција и Сирија, ја покажуваат моќноста и јачината на едни од најсилните потреси за ова подрачје во последните осум децении.
Во катастрофалниот земјотрес се урнаа неколку илјади згради, а потрагата на преживеаните под рушевините е отежната и поради минусните температури и близу 200 последователни потреси кои ги погодија областите.
Агенцијата за управување со катастрофи во Турција информира дека како последица на земјотресот во земјата се оштетени над 11 000 згради.
Бројот на загинатите во земјотресот во Турција и Сирија, според последниот биланс, се искачи на најмалку 5 000 луѓе, а се очекува бројот на мртви да се зголемува.
Според информациите што ги објави Си-ен-ен, во Турција се загинати вкупно 3 419 лица, а во Сирија бројот на загинати се искачи на 1 602. Како последица на земјотресот, во двете земји се повредени над 23 000 лица.
Обединетите нации соопштија дека земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди јужна Турција рано во понеделникот е најсилниот земјотрес во ова подрачје во повеќе од 80 години, односно од 1939 година.
Додека Турција и Сирија почнаа да ја проценуваат штетата предизвикана од земјотресот, земјите ширум светот се мобилизираа за да помогнат во напорите за спасување и закрепнување по катастрофата.
Од Македонија во Турција ќе бидат испратени 40 припадници на силите за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а заедно со нив ќе бидат испратени и две противпожарни возила. Дополнително ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата, од кои 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две кучиња за пребарување и две лица водачи на кучиња.