До крајот на летото во земјава ќе биде постигнат колективен имунитет, бидејќи досега се вакцинирани нешто помалку од 300.000 граѓани, а во следниот период, со помош на донираните кинески вакцини, ќе се имунизира уште поголем број од населението, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната заедничка прес-конференција со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.

Досега се вакцинирани под 300.000 граѓани, а планирано е во следниот период да се вакцинираат уште 300.000 луѓе.

– Сметам дека до крајот на летото ќе постигнеме процент на имунизирани за кој ќе можеме да кажеме дека е колективен имунитет. Секако, не знаеме како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат дека вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата, рече Филипче.

Тој истакна дека за време на викендот се очекува да пристигнат 500.000 кинески дози од „Синовак“, како и значителна количина на Фајзер преку механизмот Ковакс, кои следниот понеделник ќе бидат распределени во осум центри за вакцинација.