ВМРО-ДПМНЕ: Планот за чист воздух во Скопје ќе го подготвуваат експерти, А не ПР-кампањџии

Планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го изработуваат експерти со докажано искуство, а не лица кои се занимаваат со ПР-кампањи, соопшти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

Од партијата појаснуваат дека сите мерки што ќе произлезат од планот ќе имаат поддршка од градската администрација, а од институциите ќе се бараат мерливи резултати и целосна отчетност во нивната реализација.

„За дел од мерките ќе бараме финансиска поддршка, а дел ќе се покријат со пари од граѓаните. Овие средства повеќе не смеат да се трошат како досега – на проекти со сомнителен квалитет, без мерливи ефекти и подготвувани од аматери“, стои во нивната објава на Фејсбук.

Советничката група потенцира дека прашањето за чист воздух е директно прашање на здравјето на граѓаните.

„Нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да го довериме на оние што успехот го мерат со број на лајкови и кои создаваат паника кај граѓаните. Решенијата мора да доаѓаат од вистински стручњаци, затоа што станува збор за здравјето на нашите деца, а не за кариерата на некој опозициски советник“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во објавата се посочува и дека светските искуства покажуваат оти борбата против аерозагадувањето трае долги години и бара системски пристап.

„Тоа не се прави со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со добро поставен системски план и доследна имплементација“, пишува во соопштението.

 

 

 

 

 

Експерти а не ПР-КАМПАЊЏИИ