Согласно официјалните информации од Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија, моменталниот застој во работењето на ПЕТ/КТ скенерот е предизвикан од технички проблем во производството на радиоизотопи, поврзан со циклотронот. Овластениот сервисер интензивно работи на отстранувањето на дефектот, а преземени се сите неопходни чекори апаратот повторно да биде ставен во функција во најкраток можен рок, информираат од Министерството за здравство во реакцијата на наводите од Левица во врска со состојбата на ПЕТ/КТ скенерот.
Од Министерството укажуваат дека проблемот произлегува од долгогодишно занемарување односно во изминатите години не бил доследно следен протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, вклучувајќи нејзино редовно чистење и замена на маслото на секои пет години. Оваа состојба, наведуваат од Министерството, е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период, за што актуелното раководство веднаш по констатираната сосотојба презема мерки за надминување на проблемот.
Посочуваат дека за разлика од претходната пракса на занемарување, ова раководство презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат.
Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин, информираат од Министерството и додаваат дека остануваат посветени на транспарентно информирање на јавноста за секој чекор во решавањето на оваа состојба.
