Како што се ближи 24 април, така и партиите веќе ги објавуваат своите предлог – кандидати.

СДСМ настапува со Стево Пендаровски?

Само од редовите на СДСМ засега нема никаков одговор, но има шпекулации. Според шпекулации, од оваа партија веројатно повторно ќе настапи актуелниот претседател Стево Пендаровски. Освен неговото име се шпекулира и за Оливер Спасовски, а според некои медиуми во игра е и Радмила Шеќеринска.

ДУИ сѐ подалеку од СДСМ: Спласна еуфоријата кај Ковачевски, дали Пендаровски ги налути коалиционите партнери?

ВМРО-ДПМНЕ оди со Гордана Силјановска-Давкова

Од најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека пратеничката и универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија. Давкова не е нова во ваквата трка, а таа трчаше по оваа функција и во 2019 година.

Реприза од 2019 година

Дуелот Силјановска-Давкова и Пендаровски би бил „реприза“ и нов мегдан на изборите од пред пет години.

Стевчо Јакимовски кандидат на ГРОМ

Претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е кандидат на оваа партија за претседател на државата, објави попладнево. Тој изјави дека добил поддршка од највисокото раководство на партијата да биде кандидат на партијата за претседател.

Билјана Ванковска од Левица

Политичката партија Левица веќе пред неколку недели објави дека на претседателските избори ќе настапи со професорката Билјана Ванковска.

Вело Марковски независен кандидат

Претходно, познатиот специјалист инфектолог проф. д-р Вело Марковски најави дека ќе поднесе кандидатура за претседател како независен кандидат на претстојните претседателски избори.

На потег е Максим Димитриевски

Во текот на утрешниот ден се очекува и Максим Димитриевски да го најави својот кандидат.

Албански политички блок

Од албанскиот политички корпус досега кандидатура најави Арбен Таравари кој ќе го поддржи албанската опозиција, а од редовите на ДУИ утре се очекува да се сподели „големата вест“ каде можеби кандидати ќе биде Али Ахмети.