Претседателот ги одликува великаните на македонската кошарка Лазар Лечиќ и постхумно Благоја Георгиевски-Буштур, одбојкарската легенда Владимир Богоевски, долгогодишниот селектор на македонската репрезентација во борење слободен стил Насе Насев и актуелниот претседател на Македонската таекводно-федерација и селектор на националниот тим Борче Костовски

Со „Медал за заслуги на Република Северна Македонија“, претседателот Стево Пендаровски денеска ги одликува Лазар Лечиќ, постхумно – Благоја Георгиевски – Буштур, Владимир Богоевски, Насе Насев и Борче Костовски – пет истакнати спортисти кои дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.

Со „Медал за заслуги“ одликувани се великаните на македонската кошарка Лазар Лечиќ и постхумно Благоја Георгиевски Буштур, одбојкарската легенда Владимир Богоевски, долгогодишниот селектор на македонската репрезентација во борење слободен стил Насе Насев и актуелниот претседател на Македонската таекводно-федерација и селектор на националниот тим Борче Костовски.

„Иако сме мала нација, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти, кои во индивидуалните и колективните спортови остваруваа и остваруваат врвни резултати. Претходно имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија, а денес уште пет наши спортисти, спортски работници, кои стојат за успесите на спортистите, ќе добијат ‘Медал за заслуги’,

рече претседателот во своето обраќање.
Претседателот во своето обраќање се осврна на придонесите на секој од петтемина македонски спортисти.

За кошаркарот Лазар Лечиќ кажа дека е едно од најзначајните имиња за развој на македонската кошарка. Со својата енергија и знаење за кошарката, а особено со својата препознатлива харизма, истакна Пендаровски, Лечиќ остави траен белег во македонскиот спорт.

Поранешниот кошаркар на Работнички и македонски селектор Благоја Георгиевски – Буштур, претседателот го нарече вонсериски талент и потсети дека Буштур освои медали на најголемите натпреварувања.

„За жал, тој повеќе не е помеѓу нас, а денеска со посебен пиетет постхумно му доделуваме ‘Медал за заслуги’“, додаде шефот на државата.

Навраќајќи се на големите успеси во минатото на македонската одбојка, претседателот истакна дека како нација сме среќни што имаме играч од светска класа и успешен тренер во името на Владимир Богоевски.

Со „Медал за заслуги“, Пендаровски го одликува и поранешниот борач и селектор на македонската репрезентација во борење, Насе Насев, кој, како што кажа, стои зад најголемите дострели на нашите борачи меѓу кои и првиот освоен медал за независна Македонија на Олимписките игри.

Со борачките спортови, нагласи Пендаровски, е врзан и нашиот најголем успех на Олимписките игри како самостојна држава. Претседателот го спомена сребрениот медал кој на Олимписките игри во Токио го освои теаквондистот Дејан Георгиевски, велејќи дека најзаслужен за овој успех – за создавањето на македонскиот шампион е тренерот Борче Костовски.