Реконструкција на објектот на Физикална терапија најави ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Гевгелија со финансиска поддршка од Европската Унија.

Во соопштението од Болницата е наведено дека е склучен Договор за реконструкција на објектот на Физикална терапија, во вредност од 207.747,44 евра, со рок на реализација до девет месеци.

Објектот се наоѓа во рамките на Негорските минерални извори каде функционира одделение за физикална медицина и терапија во склоп на Општата болница од Гевгелија, со постојните сектори за физикална терапија, отсек за хидротерапија и специјалистичка ординација.

– Со реконструкцијата ќе се создадат современи, функционални и поквалитетни услови за пациентите и здравствените работници, а одделението за физикална терапија ќе добие значително подобрена инфраструктура за обезбедување здравствени услуги. Оваа инвестиција претставува уште еден значаен чекор кон модернизација на нашата институција и унапредување на квалитетот на здравствената заштита за граѓаните на Гевгелија и пошироко во регионот – вели директорот на Болницата, д-р Патрик Матх во официјалното соопштение.

Проектот се реализира во рамки на „IPASHIELD in motion“, која е во склоп на Interreg VI-A IPA програмата за 2021–2027, која се спроведува со соседна Грција и со финансиска поддршка од Европската Унија, а изведувач е “Техника ДООЕЛ Импорт-Експорт” од Радовиш.