Лидл денеска ја претстави својата најголема инвестиција во Македонија, логистичкиот центар во близина на Куманово. Ова досега е највредна инвестиција на Лидл во земјава со вкупна вредност од 80 милиони евра, којашто ќе отвори повеќе од 150 работни места.Според планот на компанијата изградбата на логистичкиот центар да започне во следниот период, додека во моментов се одвива тендерската фаза за избор на генерален изведувач.

Претставниците на Лидл изразувајќи ја својата благодарност кон општината и владата за поддршката во целиот процес на реализација на оваа инвестиција, испратија порака за среќа и успех на проектот преку симболичен гест на поставување на временска капсула во темелите на објектот.

„Денеска ја претставуваме нашата најголема инвестиција во Македонија, нашиот логистичкиот центар. Лидл Македонија е дел од меѓународното семејство на Лидл и овде, заедно со нашиот тим, кој во моментов брои повеќе од 100 вработени, сакаме да го имплементираме искуството што го стекнавме во повеќе од 30 земји со ист стандард и ист квалитет. Ќе инвестираме околу 80 милиони евра само во изградба на логистичкиот центар за да создадеме модерен и одржлив објект, според најновите градежни стандарди. Лидл е одговорен, сигурен и фер партнер и за купувачите и за своите добавувачи. Дел од нашата корпоративна политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители“ изјави Рубријан Хаџиев, генерален директор на Лидл Македонија.

Парцелата во Куманово опфаќа површина од 170 997 метри квадратни, вклучувајќи логистички центар од 63 000 метри квадратни и комплекс со главна зграда, административни канцеларии и напредна инфраструктура. Конструиран според современи технологии и приспособен за ефикасно работење во голем обем, логистичкиот центар ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на операциите.

Логистичкиот центар дополнително ќе биде пример за одржливо и еколошко работење, ќе користи електрична енергија од обновливи извори на енергија и ќе биде опремен со фотоволтаични елементи кои генерираат вкупна моќност од приближно 1,7 MW. Дополнително, за затворање на покривот ќе се користи материјал од рециклиран отпад, а внатре ќе се постави енергетски ефикасно LED осветлување. Објектот ќе се загрева со отпадна топлина од системот за ладење и целиот генериран отпад ќе се рециклира.

Покрај претставниците на Лидл, на настанот беа присутни и Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

За премиерот Ковачевски, работењето на Лидл на македонскиот пазар значи потврда за вредноста и капацитетите на овој пазар и ја стимулира националната економија.

„Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, Лидл планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари. Квалитетот на Лидл успешно се градеше во изминатите 50 години и денес мрежата на овој познат трговски ланец е распространета во повеќе од 30 земји во светот и со над 12000 маркети. Лидл не е само обичен ланец на супермаркети, туку изграден бренд чии маркети во регионот се посетени и од многу наши граѓани бидејќи добиваат висок квалитет за поволна цена. Ние создадовме услови ова да го овозможиме дома“, нагласи претседателот на Владата на Република  Македонија Димитар Ковачевски.

За градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, подготвителните активности за градба значат и развој на индустриската зона Речица.

 

„Јас денеска како градоначалник сум среќен што имам чест да присуствувам на оваа манифестација на покана на инвеститорот и сакам да се заблагодарам на претставниците на ЛИДЛ, германската амбасада во државата и вработените во општина Куманово, јавните претпријатија и сите институции, кои дадоа позитивен придонес во подготовка и реализација на ваквиот проект, вклучувајќи ги и лицата кои беа вработени кај инвеститорот или ангажирани како фирми, кои беа логистичка поддршка. Без нивен личен ангажман немаше да бидат надминати сите бирократски процедури во системот и сите пречки, со кои се соочивме во текот на целата реализација на постапката. Искрено благодарам на инвеститорот за неговата лична заложба оваа голема инвестиција да ја лоцира во нашата индустриска зона, која самата по себе со атрактивноста и местоположбата нуди дополнителни можности за развој и на ЛИДЛ, но и на самата зона, како и на кумановското и македонското стопанство во целина. Овој нов стопански капацитет, кој ќе се простира на 63.000 метри квадратни и изграден склад со логистички центар, во иднина очекуваме да вработи над 150 луѓе, но и дополнително да ангажира голем број логистички и шпедитерски компании од градот, регионот, државата и пошироко со непречен транзит на стоки и добра, со што ќе придонесе за зголемување на БДП, не само во општина Куманово, туку и пошироко“, истакна градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Лидл Македонија го купи земјиштето во септември 2023 година, преку јавен оглас од општината.