„Во јануарските сметки за струја нема да има надомест од 200 денари за пристап до мрежа“, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски повикувајќи се на тоа дека овој трошок граѓаните го добиле во декември.

Нема да биде екстра профит за ниедна компанија

Од РКЕ нагласуваат дека оваа давачка требало да почне да се плаќа од почетокот на овој месец. Оттаму додаваат дека новиот надоместок нема да биде екстра профит за ниту една компанија.

Имавме средба со претставници на Електродистрибуција и бидејќи сметките веќе се испечатени и пратени, договоривме овој надоместок да го нема во јануарските. Потоа од февруарските сметки ќе има 200 денари надоместок за пристап до мрежа”, информираше Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Фото: Марко Билимоски

Не станува збор за никаква грешка

Бислимоски прецизираше дека не станува збор за никаква грешка, туку дека ова се прави да се зголеми довербата меѓу граѓаните и операторот на електродистрибутивниот систем.

Вчера пак, министерот за економија најави промена во моделот на субвенционирање на струјата. Бектеши ги уверува граѓаните дека поскапувања нема да има, а струјата дека ќе биде субвенционирана до први јули.

„Поскапувања нема да има“: Субвенционирана струја до први јули

Фотоволтаиците причина за вишоците на струја

Според она што го соопшти министерот Бектеши „инвестицискиот бум со фотоволтаиците“ е причина зошто има вишоци на струја. Додаде дека проблем се зимските месеци кога во Македонија помалку се прозиводува. Тој потети дека е вратена и тарифата за евтина.

Токму субвенциите кои Владата ги дава на ЕСМ, ја прават струјата за граѓаните многу поевтина од онаа на берзите, вели Бектеши.

Нови цени на струјата, речиси и да нема поскапување

Претходно, цената на струјата во Македонија речиси и воопшто не поскапе. Цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари се намали за 5, 16 отсто за прв блок, за втор блок и за евтината тарифа останува иста, за трет блок поскапува за 2,88 а за четврт блок за 1,86 отсто.

Оттука произлезе и воведувањето на Надоместот за пристап до мрежа од 200 денари месечно. Во спротивно ќе имало поскапување за 3,4 отсто во прв блок, за 8,62 во втор, за 9,46 во трет и за 4,92 во четврт блок, додека евтината тарифа ќе се зголемела за 15,42 отсто.