Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, со што се воведуваат измени во системот на органодарителство и трансплантација. Со законските решенија се унапредува правната и институционалната рамка преку појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните, проширување на можностите за лекување и отстранување на дел од административните пречки во системот.

Што предвидуваат измените

Од Министерството за здравство соопштија дека законот претставува значаен чекор кон пофункционален, поефикасен и подостоинствен систем на органодарителство и трансплантација, во интерес на пациентите и на јавното здравје. Оттаму наведуваат дека остануваат посветени на понатамошно зајакнување на трансплантацискиот систем, подигнување на јавната свест и градење доверба, затоа што органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста.

Со измените, секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар јасно да се произнесе дали сака да биде органодарител, со што ќе се овозможи создавање појасна слика за ставовите на граѓаните и дополнително ќе се зајакнат довербата и информираноста за органодарителството. Законот предвидува и зголемување на можностите за лекување преку проширување на кругот на живи дарители до четвртиот степен на сродство, при целосно почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.

Пораките од Гостивар

Министерот за здравство Азир Алиу на јавна панел-дискусија посветена на органодарителството во Гостивар ги презентираше системските мерки и политики за унапредување на органодарителството, нагласувајќи дека станува збор за прашање кое бара доверба, човечност и зрелост на општеството и кажа дека ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител преку „Мој термин“.

„Особено ми значи што денес за органодарителството зборуваме токму во Гостивар, во мојот роден град. Постојат теми кои не бараат само политика, туку и човечност, доверба и морална зрелост на општеството. Органодарителството е токму таква тема, која го отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави: дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг? Нашата задача е да градиме доверба и да создадеме систем во кој семејството однапред ќе ја знае волјата на својот близок. Органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болнички ходник, во мигови исполнети со трагедија. Треба да зборуваме дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите – јавно и без предрасуди“, истакна во своето обраќање министерот Алиу.

Како ќе функционира системот

Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, безбедно и со двојна верификација.

„Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ја почитуваме личната слобода и волја на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители. Ќе знаеме каде има поголема информираност, а каде постојат страв, недоверба или недоволно знаење за органодарителството. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител“, порача министерот Алиу.