Организацијата на работата, кадровската структура и системите за унапредување на административниот капацитет на уставните судови беа во фокусот на тридневната тркалезна маса на генералните секретари, што се одржа од 24 до 26 јуни во Охрид, во рамки на Форумот на балканските уставни судови, соопштуваат од Уставен суд.
На средбата учествувале претставници од уставните судови на Албанија, Бугарија, Косово, Турција, Хрватска и Северна Македонија, кои преку презентации и дискусија разменувале искуства и добри практики поврзани со организацијата на службите, управувањето со човечките ресурси и дигитализацијата на судските процеси.
Како што стои во соопштението, посебно внимание било посветено на новиот Правилник за внатрешна организација на Уставниот суд на Северна Македонија, усвоен во октомври 2025 година, со кој е воспоставена структура од 13 организациски единици. Со новата организација се прави јасна функционална разграниченост меѓу судиската и административната работа, се зајакнува улогата на генералниот секретар како координатор на службата и се воведуваат современи механизми за дигитално управување со предметите.
Во делот на кадровската поставеност била презентирана систематизацијата на 71 работно место во Стручната служба, од кои во моментот се пополнети 54, како и моделот за распределба на предметите и функционирањето на правните советници. Согласно статистичките податоци, Уставниот суд во 2025 година постапувал по вкупно 520 предмети, од кои 229 се решени, додека останатите се пренесени во работа за 2026 година.
Учесниците дискутирале и за нововоспоставениот систем за оценување на вработените, кој се базира на континуирано следење на работниот учинок преку месечни извештаи и евалуација според критериуми како навремено извршување на задачите, стручност, работна ангажираност и професионално однесување. Беа разгледани и дополнителни можности за негово унапредување преку воведување на мерливи индикатори за успешност, поголема транспарентност и креирање индивидуални развојни планови.
Од Уставен дополнуваат дека во текот на тридневните разговори се отвориле и прашања поврзани со предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во регионот, особено во делот на обезбедување доволни човечки ресурси, дигитална трансформација и одржување на високи професионални стандарди во административното работење.
Како главен заклучок било истакнато дека ваквите регионални средби имаат значајна улога во унапредување на ефикасноста на уставните судови, преку размена на практични искуства, усогласување на стандардите и продлабочување на меѓусебната соработка.
Извор: Курир
