Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 71 седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната.

Пред пратениците се и неколку предлог – одлуки, како и годишни извештаи за работата на државни агенции, комисии, МРТ и Судскиот совет.

Ќе се разгледува и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

Предлог-законите за финансиска стабилност, за вршење сметководствени работи, за спречување перење пари и финансирање на тероризам, за изменување на Законот за финансиските друштва, за изменување на Законот за фондот за осигурување на депозити, за изменување на Законот за лизинг, за изменување на Законот за меница и за дополнување на Законот за животната средина, се само дел од вкупно предвиените 30 точки на седницата.

Собранието треба да расправа и по Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија по итна постапка, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка, Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај по скратена постапка, Предлог – законот за изменување на Законот за трговија по скратена постапка,…

Меѓу предлог – одлуките се и оние за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во БиХ, како и за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.