Собраниската Комисија за спречување и заштита од дискриминација сè уште нема именувано двајца членови, реагира Мрежата за заштита од дискриминација.

Потсетуваат дека јавниот оглас бил објавен на 15 февруари со рок до 15 март 2023 година.

Согласно член 18 став 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за избор и именување на Собранието во рок од 14 дена по истекот на рокот на огласот треба да достави утврдена предлог – листа на кандидати до Собранието. Комисијата за избор и именување треба да организира јавна расправа по пријавените кандидати на која треба да ги повика сите заинтересирани чинители, а особено здруженијата на граѓани кои работат во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата. Во таа насока, Комисијата за избор и именување веќе доцни, односно не ги почитува роковите од членот 18 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, се вели во соопштението.

Од Мрежата ја користат приликата да потсетат и да апелираат дека изборот на членовите треба да се заснова на стручни и независни експерти кои имаат минимум седум години работно искуство во областа на човековие права, од кои пет во областа на еднаквост и недискриминација, согласно Законот.

Потсетуваме дека избор на членови кои не ги исполнуваат критериумите, односно по партиски клуч, ја загрозува и анулира улогата на Комисијата, нејзината независност гарантирана со закон, директно влијае на (не)довербата на граѓаните во институцијата и доведува до несоодветно спроведување на Законот, со што се спречува процесот на унапредување на еднаквоста во општеството. Од друга страна, потсетуваме за недостатокот на родова еднаквост помеѓу членовите на Комисијата, само една жена наспроти четири мажи. Исто така, потенцираме дека во претходните постапки за избор на членови на КСЗД аплицираа повеќе жени и припадници на маргиналзирани групи законските критериуми аплицираа, но не беа избрани за членови. Оттука, овие две места треба да се пополнат со жени и/или жени од маргинализирани групи, доколку помеѓу кандидатите има лица со овие карактеристики кои ги исполнуваат условите за стручност и независност, потенцираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Според нив одолговлекувањето на изборот на членови на Комисијата претставува неодговорно делување од страна на Собранието и пратениците.

Собранието треба да избере два члена на Комсијата за спречување и заштита од дискриминација, за да ги пополни позициите кои долго време се празни, поради што институцијата работи со недоволно капацитети за да ги оствари законските надлежности, додаваат од Мрежата.

Потсетуваат и на забелешките и препораките од Извештајот на Европската Комисија во кој се потенцира дека Собранието не успеало да ги пополни празните места во Комисијата и дека проблемите со финансиските и човечките капацитети на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација треба приоритетно да се надминат.