Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, предводи државно-црковна делегација во Ватикан по повод традиционалната манифестација „Во чест на Свети Кирил“.

Средба со Папата Лав XIV

За време на аудиенцијата, Гаши упатил искрени честитки по повод годишнината од изборот на Папата Лав XIV и ја нагласил посветеноста на Македонија за продлабочување на традиционалните и пријателски односи со Светата Столица.

Од Собранието информираа дека на средбата биле реафирмирани историските и духовните врски меѓу двете земји, изградени врз наследството на Светите Кирил и Методиј и универзалната фигура на Мајка Тереза.

На средбата било истакнато и значењето на промовирањето на мирот, толеранцијата, дијалогот и меѓусебното разбирање меѓу народите и религиите, како универзални вредности што придонесуваат за стабилноста, солидарноста и соживотот во Европа и пошироко.

„Во тој контекст, претседателот Гаши подвлече дека Република Северна Македонија останува пример за меѓуетнички, мултикултурен и меѓурелигиски соживот, со длабока почит кон верските слободи и конструктивната улога на верските заедници во општеството“, информираа од Собранието.

Разговори за билатерална соработка

Во рамки на програмата, претседателот на Собранието остварил средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

На средбата се разговарало за унапредување на билатералната соработка, развојот на институционалниот дијалог и можностите за проширување на соработката во областа на културата, образованието, архивистиката и зачувувањето на културното и духовното наследство.

По средбите во Ватикан, делегацијата ја посетила Базиликата „Свети Петар“.

Подароци со симболична порака

На Папата Лав XIV му бил врачен подарок „Пердув/Перо“ – скулптура од прилепски мермер, изработена од скулпторот Андреј Митевски. Од Собранието посочуваат дека делото ја пренесува пораката за пердувот како симбол на слободата, спиритуалноста и поврзаноста со возвишеното.

Како личен подарок, на Папата му бил врачен и кавал од мајсторот Бобан Анакиев. Кавалот е претставен како еден од најпрепознатливите симболи на традицијата во Република Северна Македонија, инструмент чиј звук со векови ја раскажува приказната за животот, природата и духот на луѓето.

На државниот секретар Пјетро Паролин му бил врачен мозаик со мотив на паун, застапен во базиликите на Стоби и Хераклеа, а денес и на монетите во Македонија. Паунот, како што информираа од Собранието, е симбол на духовна вредност, воскресение, бесмртност, вечен живот, надеж, обновување и светлина.