Македонија и Саудиска Арабија располагаат со значителен потенцијал за продлабочување на економската и политичката соработка, особено во инвестициите, енергетиката, туризмот, земјоделството, технологијата и трговијата. Олеснувањето на визниот режим и воспоставувањето директна воздушна врска би придонеле за развој на туризмот, деловната соработка и контактите меѓу граѓаните на двете земји.

Ова било истакнато на средбата меѓу претседателот на Собранието Африм Гаши и претседателот на Советот на Шурата на Саудиска Арабија, Абдула бин Мохамед бин Ибрахим Ал Ал-Шеик, одржана во рамките на официјалната посета на македонската собраниска делегација на Ријад.

Гаши нагласил дека Македонија останува цврсто посветена на натамошно зајакнување на партнерството со Саудиска Арабија. Според него, односите меѓу двете држави се темелат врз меѓусебна почит, пријателство и заедничка посветеност на мирот, стабилноста и просперитетот.

Тој оценил дека постојат значителни можности за унапредување на соработката во повеќе приоритетни сектори, меѓу кои инвестициите, енергетиката, туризмот, земјоделството, технологијата и трговијата.

Економската соработка, како што било нагласено, останува еден од главните столбови на билатералните односи. Македонија става посебен акцент врз привлекувањето инвестиции и дигиталната трансформација, како области што нудат значителен потенцијал за воспоставување заемно корисни партнерства меѓу двете земји.

Гаши посочил дека земјата гледа големи можности и за развој на соработката во туризмот. За остварување на тој потенцијал, според него, потребен е засилен ангажман на надлежните институции и претставниците на приватниот сектор.

Во тој контекст, тој ја нагласил потребата од олеснување на визниот режим и воспоставување директна воздушна поврзаност меѓу Саудиска Арабија и Македонија. Таквите чекори, како што истакнал, би го поттикнале туризмот, би ја унапредиле деловната соработка и би ги зајакнале контактите меѓу граѓаните на двете држави.

Претседателот на Собранието ја истакнал и конструктивната и сè повлијателна улога на Саудиска Арабија во промовирањето на регионалната стабилност, охрабрувањето на дијалогот и поддршката на дипломатските иницијативи насочени кон решавање на сложените предизвици на Блискиот Исток и пошироко.

Претседателот на Советот на Шурата, Абдула бин Мохамед бин Ибрахим Ал Ал-Шеик, нагласил дека Саудиска Арабија високо го цени пријателството со Македонија. Тој оценил дека двете земји треба да продолжат да градат цврсти односи засновани врз меѓусебна почит, разбирање и заедничка определба за дијалог, соработка и мирни односи меѓу државите.

Соговорниците се согласиле дека во актуелната меѓународна средина, обележана со повеќе меѓусебно поврзани предизвици, дијалогот, дипломатијата и мултилатералната соработка остануваат неопходни инструменти за зачувување на мирот, зајакнување на безбедноста и поттикнување на одржливиот развој.

Во составот на македонската собраниска делегација се и пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Аднан Азизи. Тие се сретнале и со претседателот на Групата за пријателство со Македонија во Советот на Шурата, Али М. Алшухтани, како и со членовите на групата.

На средбата било договорено во иднина поинтензивно да се работи на развивање на парламентарната дипломатија и на размена на искуства во областите од заемен интерес.