Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан упати сочувство до бугарскиот патријарх Даниил по повод тешката сообраќајна несреќа што се случи на 10 ноември на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Во трагичниот инцидент животот го загубија 12 лица, додека десетици други беа повредени.
Во официјалното писмо испратено до патријархот Даниил, поглаварот на МПЦ – ОА изразува длабоко сочувство во свое лично име, како и во име на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, свештениот клир, монаштвото и целиот православен македонски народ кон семејствата на загинатите и сите ужалени граѓани.
„Споделувајќи ја тагата на сестринската Бугарска црква и на бугарскиот братски народ, се молиме за настраданите, та Милостивиот Бог нивните души да ги насели во места светли, места цветни, лишени од секаква тага, болка и воздишка упокојувајќи ги во лоното Аврамово“, наведува архиепископот Стефан во писмото.
Тој упатува искрени молитви и за настраданите што се наоѓаат на лекување, посакувајќи им брзо и целосно закрепнување од здобиените повреди, како и духовна утеха за нивните семејства.
„На повредените, пак, Утешителот Благ нека им подари брзо и целосно исцеление, а на нивните најблиски благодатна утеха и духовна сила одозгора зацврстувајќи ги во верата и надежта во воскресението“, се наведува во сочувството од поглаварот на МПЦ – ОА.
