Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија најостро ги осудува сите облици на насилство, со посебен фокус на семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и агресијата во дигиталниот простор. Црковните власти оценија дека ваквото однесување е целосно неспојливо со христијанските и евангелските вредности, како и со почитувањето на човековото достоинство.

На денешната редовна седница, Синодот детално разгледа повеќе актуелни прашања поврзани со секојдневниот црковен живот, состојбите во воспитно-образовните институции и тековните општествени случувања во земјата. Притоа, особено внимание беше посветено на забележливиот пораст на насилството, како и на ширењето на нетрпеливоста и омразата во заедницата.

„МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо“, се наведува во соопштението.

Во согласност со својата евангелска и пастирска мисија, Црквата упати најстрога осуда за гревот на убиството и фемицидот, означувајќи ги како најсуров облик на насилство врз жените и како целосно недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.

„Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек“, истакнуваат од Синодот.

Синодот изрази сериозна загриженост за размерите на зголеменото насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата, потврдувајќи ја подготвеноста за заедничко делување со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и граѓанските организации во надминувањето на овие негативни појави.

Истакнувајќи дека свештенството и досега совесно ја извршувало својата пастирска служба, Синодот најави засилување на активностите преку специјализирани едукативни програми.

„Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено забележување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби“, се додава во соопштението од САС на МПЦ-ОА.