Софија се најде меѓу десетте туристички дестинации со најголем ризик од џепарење и други улични измами, според анализа на платформата Compare the Market. Бугарската престолнина е рангирана на осмото место, со резултат од 29,19 на индексот за ризик од кражба на паричник, а покрај џепарењето, туристите се предупредуваат и на прескапи такси и измами во менувачниците. Како места каде што е потребна особена внимателност се наведуваат Централната железничка станица, Централната автобуска станица и Мостот на лавовите, особено во вечерните часови.
На врвот на листата е Париз, каде што најголем ризик од кражби е регистриран околу најпознатите туристички атракции, меѓу кои Ајфеловата кула и Монмартр. Следуваат Лас Вегас и Њујорк, додека Рим е издвоен како уште една европска престолнина во која џепчиите се особено активни. Како најризични места во италијанскиот главен град се наведуваат железничката станица Термини, фонтаната Треви, Колосеумот и Шпанските скали.
На листата се и Лос Анџелес, Лондон и Атина. Во Лондон џепчиите често дејствуваат во групи и ги користат гужвите и одвлекувањето на вниманието, додека во Атина особено се предупредува на просторот околу Акропол, каде што големиот број туристи им овозможува на крадците полесно да останат незабележани.
Меѓу десетте градови е и Барселона, каде како најризични се посочуваат Ла Рамбла, Плаза Каталуња, Готскиот кварт и Карер Монкада. Според податоците наведени во анализата, џепните кражби учествувале со 48,1 отсто од сите регистрирани кривични дела во градот во 2023 година. Амстердам го затвора списокот, а посебна внимателност им се препорачува на туристите околу плоштадот Дам, Централната станица, Ријксмузеум и делови од Дистриктот на црвените фенери.
