– Им благодарам на сите иматели на платформи на крајбрежјето, во разговори со сите чинители се договоривме ние да не бидеме „црна овца“, туку да се солидаризираат со колегите од Охрид, за Струга, Република Северна Македонија да не го загуби статусот на УНЕСКО, туку да се доближиме до УНЕСКО, да се инвестира уште повеќе во ова крајбрежје. Чекаме фидбек од државата и Комисијата на УНЕСКО да ни даде план за подобар развој, да имаме план за одржување на трската, која од 50 хектари сега има 300 хектари трска, за уште повеќе да го развиеме градот. Сите шест платформи за кратко време ќе се тргнат, вклучувајќи ја и онаа на Женска плажа. Самите газди ќе ги отстранат, а ако им треба помош, општината е тука, изјави Мерко, кој за останатите објекти рече дека се направени со одобрение.

Над 4.000 барања за легализација на дивоградби се одбиени од струшката општинска власт во изминатава деценија, но ниту една од нив не е урната, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Во оваа бројка не влегуваат дивоградбите за кои воопшто не е поднесено барање за легализација.

Мерко во изминативе неколку години во медумите тврди дека во Струга нема дивоградби, спротивставувајќи се на извештајот на УНЕСКО, на централната власт и на новинарските истражувања кои го покажуваат спротивното.

Мерко денеска правеше споредба со Охрид, каде што рече дека на самите Билјанини извори имало 12 дивоградби.

– Луѓето сакаат излез, не е грешката кај населението, не е ниту кај локалната самоуправа. Сите тие диви градби се пред 2011, сите имаат предмети за легализација, се чека за легализација и не се во заштитниот пијас, туку се во Лабуништа, во Моровишта, наведе Мерко како коментар за извештајот на државниот ревизор.