Претставници на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) предводени од претседателот Јаким Неделков пристигнаа во Владата на нова средба во обид за договор за нивните барања од кој ќе зависи дали штрајкот во училиштата и градинките, почнат на 11 април, утре ќе влезе во трета работна недела.
Неделков за МИА претходно потврди дека од 16 часот во Владата ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која ќе присуствува и директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование (ETUCE) Сузан Флокен.
На прес-конференција тој денеска најави дека можеби попладнево ќе има средба со Владата, меѓутоа, рече, и доколку има средба, мали се изгледите дека може вечерва нешто да се случи за носење нова одлука и сѐ поизвесно е дека утре ќе продолжи штрајкот, но, сепак, како што рече, јавноста вечерва ќе биде информирана.
СОНК на 20 април ги отфрли заклучоците на Владата од нејзината седница претходниот ден и најави дека штрајкот во училиштата и градинките ќе продолжи сѐ дотогаш додека со МОН и МТСП не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања. Неделков тогаш повика на интензивирање на преговорите со конструктивни предлози за час поскоро, како што рече, да се усогласат ставовите.
-Советот на СОНК констатира дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП односно со Владата. Овој став се темели врз огромниот број дискусии на членовите на Советот, каде што без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите… Понудените 10 проценти зголемување на платите во градинките, основното и средното образование по ребалансот на буџетот се „бетонираат“ со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање, рече Неделков во средата.
СОНК преговара од март со Владата за исполнување на нивното барање за зголемување на платите за 18,4 отсто во дејностите што ги покрива СОНК – образование и детска заштита. Бара усогласување на платите со миниманата плата, која од минатиот месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.