Словачка денеска потпиша договор според кој членките на НАТО, Чешка и Полска, ќе го надгледуваат нејзиното небо, додека Братислава ги укинува своите советски МиГ-29, потенцијално ослободувајќи ги за Украина.
Словачка соопшти дека е подготвена да испрати 11 ловци МиГ во Украина, чија војска долго време се потпира на опрема од советската ера.
Украина повика на дополнителни испораки од земјите на НАТО за да ја зголеми својата способност да се бори против инвазијата на руските сили.
Словачкиот министер за одбрана Јарослав Над денеска на аеромитинг изјави дека Братислава и натаму е подготвена да испрати авиони во соседна Украина, но сè уште не е постигнат договор.
-Постои политичка волја и има смисла да им се помогне на оние на кои им е потребна помош. Можноста е на маса, а кога ќе има договор ќе ве известиме, рече Над.
Над, кој ги процени МИГ-овите на околу 300 милиони евра, рече дека Словачка ќе бара финансиска или материјална компензација за нејзините донации за поддршка на модернизацијата на словачката војска.
Според денешниот договор со соседите на Словачка, Чешка и Полска ќе го надгледуваат нејзиното небо од септември, додека Словачка ја чека испораката на 14 нови ловци Ф-16 од американско производство.