Во поплавите од почетокот на сезоната на монсуните во Пакистан загинаа околу илјада лица, а илјадници се принудени да ги напуштат своите домови, соопштија пакистанските власти.

Националната служба за борба против катастрофи и несреќи објави дека во последните 24 часа загинале уште 45 лица. Со ова вкупниот број жртви од средината на јуни достигна 982, а повредени се 1.456.

Сезоната на монсуните, која започна претходно оваа година во јуни, донесе особено обилни врнежи од дожд, а спасувачките служби наидоа на големи тешкотии околу евакуацијата на илјадници луѓе заглавени во областите погодени од поплави. Прогласена е вонредна состојба.

Се очекува монсунските дождови да продолжат и следната недела, особено на југ и југозапад. Сезоната на монсуните во Пакистан обично започнува во јули и трае до септември.