Судии и експерти разговараа за примената на пробацијата

Директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов, заедно со претставници од Секторот за пробација, учествуваше на работен состанок во Основниот суд во Штип со претседателот на судот Ацо Тасев и судии кои постапуваат по кривична материја.

Состанокот се одржа како дел од планираните активности на Управата за извршување на санкциите, во рамки на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Вклучени и меѓународни експерти

На средбата присуствуваа и хрватски експерти од областа на пробацијата, меѓу кои началникот на Секторот за пробација Горан Бркиќ, раководителката на пробациската канцеларија Загреб 1 Матеа Сршен, како и претседателката на судот во Госпиќ Дубравка Рукавина.

Во текот на состанокот беше овозможена размена на искуства од досегашната примена на пробацијата, при што учесниците ги споделија позитивните практики и резултати од својата работа.

Притоа, беше истакнато дека пошироката примена на пробациските мерки може да придонесе за поефикасна ресоцијализација и реинтеграција на сторителите, како и за намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи.