Од вчера активна е и веб-страницата за ревакцинација на граѓаните кои се вакцинирале во странство, а утре ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита на границата, против ширењето на делта сојот на вирусот.

Комисијата за заразни болести в понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа, и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

Инаку, Министерството за здравство најмногу е фокусирано на вакцинацијата, а министерот Венко Филипче очекува до петок следната недела да бидат вакцинирани околу 500.000 граѓани.

Тој потенцира дека теренската вакцинација ќе се интензивира следната недела и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови. Во однос на вакцинирањето на трудниците и доилките, ставот на Стручниот комитет е дека за нив треба да се преферира вакцината на „Фајзер“.

– Нема контраиндикација за ниту една вакцина, но се дава предност на „фајзеровата“ вакцина, вели Филипче.

Што се однесува до оние граѓани кои се вакцинирале во странство, а сакаат да се ревакцинираат во државата, тие можат да се пријават на веб-страницата https://vakcinacija.mk/revaccination, која ќе биде во функција до 10-ти месецов.

Од Министерството за здравство посочуваат дека преку регистрацијата на граѓаните, ќе можат да добијат детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат.

-Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни, се наведува во соопштението на Министерството.

Со вакцината на „Астра Зенека“ во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите други граѓани после регистрација на сајтот, од Министерството за здравство појаснуваат дека ќе направат обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што, како што велат, ќе информираат прецизно во јавноста.

Инаку, пред три дена во државата пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астра Зенека“, како донација од Хрватска. Тие од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот „Астра Зенека“ или на производителот „Модерна“.

Данската Влада, пак, намени два милиони вакцини „Астра Зенека“ како донација за Западен Балкан, од кои 250.000 дози за Северна Македонија. Донациите за земјите од Западен Балкан ќе содржат дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои Данска ги порача и ги плати, но кои не се испорачани сѐ уште. Моментално се работи на тоа донациите да се реализираат во наредните месеци.

Од понеделник ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, соопшти денеска Министерството за здравство. Следната недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високо-образовните институции.

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, информираат од Министерството за здравство. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани.

– На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани. Со последните бројки 53 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти Министерството за здравство.

Во државата продолжува темпото на намален број на новозаболени од Ковид-19. Во последните 24 часа се направени 3.028 тестирање, а регистрирани се шест нови случаи на Ковид-19, по два во Скопје, Битола и Кичево. Не се регистрирани починати, ниту оздравени пациенти.

До вчерашниот ден во земјата се направени вкупно 887.621 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.706, бројката на оздравени пациенти е 150.067, на починати е 5.486, а бројот на активни случаи изнесува 153.