Мустафа Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“, базирано на наводи дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, тој користел хиерархиска надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што наводно им се заканувал дека „ќе ги дигнел на клоци“ или „ќе ги фрлел од 6-ти кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.

Хајрулахи категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување и поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО.

Во однос одлуката по иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска за надворешни влијанија и политички притисоци врз нејзината самостојност – односно нападите кои, според неа, потекнуваат од политички структури на ВМРО-ДПМНЕ, а како пример ги навела изјавите на премиерот и објавите на веб-страницата на партијата, Бесими изјави дека во говорот на премиерот не било спомнато името на обвинителката, па оттаму Советот не можел да утврди конкретно влијание врз нејзината работа. На прашањето дали доколку било спомнато името на обвинителката Советот би постапил поинаку, тој одговори дека во таков случај предметот повторно би бил разгледан. – Не сакам да прејудицирам, секој предмет си има своја тежина – рече Бесими.

Советот на јавни обвинители денеска претходно, на седницата едногласно ја одби иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска. Комисијата оцени дека изјавите не се поврзани со конкретни дејства што би ја довеле во прашање нејзината независност, а Советот заклучи дека нема надворешно влијание врз нејзината работа ниту загрозување на професионалниот интегритет. Покрај ова, Советот донесе одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во повеќе обвинителства во државата, меѓу кои во Ресен, Крива Паланка, Кочани и вишите јавни обвинителства во Битола и во Скопје. По овие одлуки, републичкиот обвинител Ненад Савески, упати апел да се воспостави јавна комуникација за, како што рече, да се инспирираат колегите да се пријавуваат на огласите.