Во просториите на општина Гази Баба денеска се одржа седница на Советот за превенција во врска со немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје изминатата недела во кои беа повредени ученици од Општината. На седницата биле усвоени неколку заклучоци за превенција.

На седницата, како што објави градоначалникот Бобан Стефковски на Фејсбук, бил усвоен заклучок дека полициската станица од општа надлежност Гази Баба презема обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите, но и во критичните населени места.

Исто така, како што посочува тој, Општината во насока на идна превенција презема обврска за организација на најразличен вид на настани со ученици од различни етнички заедници со цел поттикнување на соживот и другарување, како и обврска да достави барање до ЈСП Скопје во кое ќе се побара автобусите кои се обраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мотиноринг видео систем, како и зајакнување на контролата на терен.

Општина Гази Баба презема и обврска да достави писмо за информирање до секторот за образование на Град Скопје за приклучување во активностите за надминување на настанатата ситуација, бидејќи учесниците во настаните се средношколци, како и се презема обврска за организирање на состанок со директорите на средните училишта на град Скопје. Општината презема и обврска за доставување на иницијатива до министерот за внатрешни работи за иницирање на постапка за избор на командир на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба.

– Советот за превенција на општина Гази Баба презема обврска да работи во насока на надминување на ваквите случувања со цел истите во иднина да не се повторат. Како градоначалник сакам да порачам дека ќе направам се што е во моја надлежност во иднина вакви и слични немили настани да не ни се повторат. Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство, напиша Стефковски на својот фејсбук-профил.

На седницата на Советот за превенција присуствуваа пратениците во Собранието од општина Гази Баба Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на Советот на општина Гази Баба Дијана Илиевска, членови на Советот, преставници на МВР и преставници на институциите.