Американски борбен авион Ф-15Е беше соборен над Иран, а САД успеале да спасат еден од двајцата членови на екипажот, изјави американски претставник.
Претставникот, кој зборувал под услов на анонимност, посочил дека е во тек операција за пребарување и спасување на вториот член на екипажот.
Станува збор за прва позната борбена загуба на американски борбен авион во тековниот конфликт, што би претставувало значителна ескалација во петнеделната војна, која веќе предизвика глобална енергетска криза.
Американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за инцидентот, соопшти Белата куќа, додека Централната команда на САД не одговори на барањата за коментар.
Во меѓувреме, полуофицијалната иранска новинска агенција „Тасним“ објави дека Иран соборил „високо напреден американски борбен авион“.
Иранските државни медиуми и претходно изнесуваа слични тврдења, кои беа демантирани од САД. Централната команда на Пентагон во четвртокот ги оцени како неточни наводите на Исламската револуционерна гарда дека соборила непријателски авион над остров во Ормускиот теснец.
Тензиите продолжуваат да растат, откако Иран и во петокот напаѓаше цели во арапските заливски држави, само неколку часа по новите закани од Трамп кон иранската инфраструктура со цел да изврши притисок за почеток на мировни преговори.
Американскиот претседател претходно објави видео од уривање на мост на социјалните мрежи, предупредувајќи дека „следува многу повеќе“ доколку Иран не се согласи на договор.
Иран, пак, останува непопустлив. Министерот за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека нападите врз цивилни објекти „нема да ги натераат Иранците да се предадат“.
Засега нема индикации дека Техеран ќе ги прифати барањата на САД за повторно отворање на Ормускиот теснец и запирање на нападите, туку нуди сопствени услови за евентуален договор.
