Можеме да го видиме она големо разочарување и тоа јасно го покажуваат бројките, од односот на Бугарија во однос на европските амбиции на Република Македонија, што во крајна мера резултираше со тоа што Бугарија е една од неколкуте држави за која граѓаните имаат негативно мислење, изјави за „Тема на денот“ на Сител, професорот Александар Спасеновски во врска со последната анкета во која мнозинството граѓани сметаат дека Бугарија и е најголем непријател на Македонците.

Според него тоа се должи на последните односи меѓу двете држави во светло на почетокот на преговори за членство во ЕУ односно потврда на едни погрешни очекувања кои ги имаа граѓаните дека соседните земји ќе имаат пооптимистичен позитивен пристап во однос на Македонија што се покажа дека не е така.

– 44% од граѓаните сметаат дека Бугарија е држава која не и мисли добро на Македонија, 57,1% опонираат на францускиот предлог, сепак генерално се уште се исклучително високи процентите во однос на еврооптимизмот, повеќе од 62% сметаат дека интеграцијата во ЕУ е еден од најважнте стратешки приоритети, рече тој.

Спасеновски посочи дека доколку оваа поддршка во однос на ЕУ ја ставиме во временски контекст и во однос на други анкети можеме да забележиме благ пад на поддршката во ЕУ.

– Тоа може да биде една доза на разочараност затоа што на Македонија и се воведуваат други критериуми надвор од оние за членство во ЕУ кои ги добиваа други држави. Причините за песимизмот може да ги поделиме на внатрешни и надворешни, но и од друга страна негативнтие сигнали од Бугарија и други центри во ЕУ како посотјана замореност од проширување, нагласи тој.