“Јас немам разговарано со претседателот на партијата, со Христијан Мицкоски на оваа тема и во таа смисла одговорот е дека ниту формално имам добиено понуда од негова страна или од било која друга страна на луѓе во раководството на партијата, поврзано со моето евентуално номинирање да бидам кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија на претстојните претседателски избори” – вака универзитетскиот професор Александар Спасеновски се изјасни во неговото гостување во емисијата „За или Против“ на ТВ Алфа на прашањето дали добил некаква понуда од ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател.

Спасеновски истакна дека за тоа што неговото име циркулира и е дел од анкетите на ВМРО-ДПМНЕ дознал од разговори со пријатели кои биле анкетирани и додаде дека е благодарен за тоа што некој се сетил и ја ценел неговата јавна работа во изминативе години.

„Она што го знам во изминативе месеци и тоа сум го повторил досега во два наврати е дека моето име циркулира и е дел од анкетите коишто истражувањата на јавното мислење и разговорите и анализите што се прават во таа партија поврзани со евентуалната номинација. Јас знам искуствено, врз основа на разговори на личности што биле анкетирани, мои блиски пријатели итн. дека неколку месеци наназад партијата ВМРО ДПМНЕ прави истражувања на јавното мислење и анализи поврзани со можните кандидати. Исто така знам дека во првичната листа од 20-тина луѓе коишто би можеле да бидат идеални кандидати на оваа партија се наоѓало и моето име и дека таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име“, потенцираше Спасеновски и додаде: „За мене ова е лична сатисфакција во два дела. Прво, во однос на тоа какви лични ставови сум застапувал како професор на правниот факултет за политички прашања, бидејќи тоа го предавам на факултетот и за тоа најчесто сум бил гостин на емисиите. Но, од друга страна за мене преставува еден вид на сатисфакција и во таа смисла сум благодарен што некој без притоа јас да сугерирам или да лобирам или да влијаам спротивно на било што, одлучил да размислува меѓу другото и за мене како можен кандидат за претседател на државата“.

“Јас изразувам задоволство од тоа што мене ме сметале како еден од личностите коишто би можел да ја извршува таа функција. Дали тоа ќе резултира на крај со некаков поволен, позитивен исход во оваа смисла не можеме да знаеме бидејќи постојат низа од варијабли, од лични афилијации и од позиции коишто го определуваат финалниот предлог којшто потоа ќе се рефлектира низ еден избор преку имплементирање на определена постапка на избор на кандидат за претседател на Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ” заклучи Спасеновски.

Говорејќи за тоа каков очекува да биде исходот од изборите, Спасеновски рече дека врз основа на истражувањата може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата зад која ќе застанат најголем дел од граѓаните.

„Исходот го определуваат позициите на граѓаните, така што од аспект на истражувањата на јавното мислење поединечно можеме да заклучиме дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е најпопуларна политичка партија во државата зад која ќе застанат најголем дел од граѓаните и оваа политичка партија извесно е дека оној кандидат кој што ќе го номинира за шеф на државата, но и оние кандидати коишто ќе ги номинира за пратеници ќе бидат избрани од граѓаните да ги извршуваат тие функции“, заклучи Спасеновски.