Коментирајќи го развојот на настаните на политичката сцена, Спасеновски за Фокус вели дека во периодот што следува ќе циркулираат и разни идеи за свикување на лидерски средби, за создавање на влада на широка коалиција или пак за одржување на предвремени парламентарни избори.
-Изедначениот распоред на силите на партиите од власта и од опозицијата во Собранието кој се должи на резултатите од претходните парламентарни избори, како и малата веројатност дека ќе се најде постабилен програмски консензус за создавање на некоја нова политичка влада, сé повеќе ѝ дава смисла на опцијата за одржување на брзи предвремени парламентарни избори – смета тој, пренесе Фокус.
Во овој момент, според Спасеновски, е сосема извесно дека актуелната влада влегува во постапка на поднесување на оставка. Во таа насока, тој наведува две групи на причини – изјавата на премиерот Зоран Заев по завршувањето на вториот круг од изборите дека поднесува оставка, како и вчерашната прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоскидека оваа партија, поддржана 61 пратеник, утре до Собранието ќе поднесе иницијатива за гласање на доверба на Владата.
-Во првиот случај, оставката на премиерот подразбира и оставка на целата Влада. Во оваа смисла, според процедурите, претседателот на Собранието има обврска таквата оставка да ја стави на дневен ред на првата наредна седница, на која истата ќе се констатира, односно за неа нема да се води расправа или пак да се гласа – објаснува Спасеновски, кој е и поранешен пратеник.
Во вториот случај, пак, додава тој, доколку ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за гласање на доверба на Владата на утре, тоа значи дека седницата ќе се одржи по истекот на три дена, односно во четврток, кога би се водела расправа, а гласањето би се извршило истиот ден на полноќ.